Корисничко име Лозинка Пријави се
11.11.2017

Јохансон јунак, Швеѓаните со предност од 1-0 во Милано

Фудбалската репрезентација на Шведска ја победи Италија со резултат 1-0 во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство во Русија наредната година.

Јунак на победата на Швеѓаните во Солна беше Јакоб Јохансон, кој го постигна единствениот гол на натпреварот, по асистенцијата на Ола Тоивонен во 61-вата минута. Јохансон во игра влезе четири минути порано, на местото на Албин Екдал.
Фудбалерот на атинскиот АЕК ја затресе мрежата на голот на Џанлуиџи Буфон откако испрати удар кон него, а Даниеле де Роси го насочи кон грбот на неговиот голман. На Јохансон ова му е 14-ти натпревар за националната селекција, а го постигна првиот погодок.
Дуелот со Шведска беше 20 години откако Буфон го имаше неговото деби на голот на Италија. Сега веќе легендарниот голман за прв пат бранеше за „аѕурите“ во баражот за Мундијалот од 1998 година во Франција, а ривал на Италијанците им беше селекцијата на Русија.
Реванш-натпреварот се игра во понеделник, на стадионот „Џузепе Меаца“ од 20.45 часот. Во случај да не успее, Италија за прв пат ќе го пропушти Светското првенство уште од 1958 година. Шведска ги пропушти двата претходни шампионати и се бори за нејзиниот 12-ти настап на светската смотра.

Најнови вести