Корисничко име Лозинка Пријави се
16.11.2017

Маскерано еден месец надвор од теренот

Фудбалскиот клуб Барселона потврди дека аргентинскиот дефанзивен играч Хавиер Маскерано ќе ги пропушти наредните четири седмици поради повреда на мускулот во пријателскиот натпревар со Нигерија.

Откако Маскерано се врати од репрезентативните должности, Барселона соопшти дека 33-годишниот Аргентинец доживеал повреда на мускулот на десната нога.
И покрај повредата, Маскерано ги одиграл сите 90 минути во поразот на „гаучосите“ од Нигерија со 4-2.
Бидејќи Аргентинците обезбедија пласман на Светското првенство во Русија, селекторот Хорхе Сампаоли одлучил против Нигеријците да изведе комбинирана постава. Меѓу останатите, во составот не беше првата ѕвезда на тимот Лионел Меси, кој добил дозвола од селекторот порано да се врати во Шпанија.
Покрај Аргентинецот, репрезентативни обврски од фудбалерите на Барселона имаше и Иван Ракитиќ. Тој ги одигра сите 90 минути во двомечот меѓу Хрватска и Грција. Ракитиќ и Меси ќе му бидат на располагање на Ернесто Валверде, тренерот на Барселона, за наредниот натпревар против Леганес.
Повредениот Маскерано оваа сезона во дресот на Каталонците забележа шест настапи во Примера лигата, два во Лигата на шампионите и по еден во Кралскиот куп и во Суперкупот на Шпанија.
Барселона моментно е лидер на првенството со четири бода повеќе од Валенсија и осум повеќе од третопласираниот Реал Мадрид.

Најнови вести