Корисничко име Лозинка Пријави се
11.12.2017

Клоп бесен: Судијата му ја отвори вратата на Евертон

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека не е задоволен од ремито 1-1 на неговиот состав против Евертон на домашен терен во 16-тото коло на Премиер лигата.

Клоп го обвини главниот арбитер на натпреварот Крис Посон дека му помогнал на градскиот ривал на „црвените“ да го постигне единствениот гол од пенал во 76-тата минута.
Дејан Ловрен ги собори Калвер и Левин во казнениот простор, Посон отсвири пенал.
„Не можам да верувам дека вакво нешто се досудува во натпревар кој само еден тим се обидува да го добие, а другиот не влезе ниту во нашиот шеснаесетник и нему вака да му се отвораат вратите. Според моето разбирање на фудбалот, тоа не беше пенал“, изјави Клоп за „Скај“.
Тој подоцна во расправа со новинарите изјави дека може да разговара само со некој којшто го разбира фудбалот.
Сем Алардајс, менаџерот на Евертон, таа ситуација ја видел сосема поинаку.
„Може тој да се жали колку што сака, но тоа е пенал. Одлуката е многу храбра, но мислам дека е исправна“, изјави Алардајс.
Ливерпул претходно со убавиот гол на Мохамед Салах поведе во финишот на првиот дел од играта, а Евертон од играта имаше само еден удар во рамките на голот. И покрај тоа што екипата на Клоп испрати дури 22 удари кон голот на Пикфорд, тој беше совладан само еднаш, колку и неговиот колега од голот на Ливерпул, Симон Мињоле.
Ливерпул остана четврти на табелата на Премиер лигата со 30 освоени бодови, додека Евертон е десетти со 19.

Најнови вести