Корисничко име Лозинка Пријави се
13.12.2017

Премиер лига: Челзи победи, чудесен пресврт на Кристал палас

Екипата на Челзи го победи Хадерсфилд на гостувањето со 3-1 во 17-тото коло на Премиер лигата.

Избраниците на Антонио Конте одиграа одличен натпревар, по киксот во минатиот викенд, кога беа поразени од Вест хем со 1-0.
Играчите на Челзи овој пат не дозволија да се случи тоа, бидејќи по првите 45 минути игра имаа предност од два гола.
Во 23-тата минута од средбата, Темуе Бакајоко им донесе предност на „сините“. Голманот на домаќините Лесл направи грешка при исфрлањето на топката, која набрзо дојде до гостинските фудбалери.
Вилијан го виде Бакајоко дека притрчува, му испрати добар пас во просторот, а тој во стилот на најдобрите центарфори го совлада споменатиот Лесл.
До наредниот гол се чекаше 20 минути. Овој пат Вилијан се најде во улога на стрелец, додека асистент беше Маркос Алонсо. Нетипично за Бразилецот, голот го постигна со глава, откако Шпанецот го пронајде со прецизно додавање.
На „сините“ им беа потребни само пет минути во второто полувреме за да дојдат до нов гол. Педро постигна многу убав погодок, а асистент повторно беше Вилијан, кој, без сомнение, беше најдобар играч на теренот.
До крајот на натпреварот, Хадерсфилд успеа да постигне почесен гол, откако по две минути во продолжението на времето Депоатр го совлада Куртуа.
Екипата на Кристал палас продолжи со добрите партии, по драмата, го победи Ватфорд со 2-1. Домашните играчи губеа сè до 89-тата минута, кога почна големиот пресврт.
Две минути претходно, Том Клеверли доби црвен картон, а тоа им даде елан на играчите на Палас. Во 89-тата минута Бакари Сако ја искористи гужвата во шеснаесетникот и го постигна гол за изедначување. Но, најдоброто следуваше потоа.
Заха одлично премина на левата страна, потоа го пронајде Мекартур, кој со прецизен удар го совлада Гомес – се играше 92-рата минута. Палас со тоа дојде до големи три бода и избега од дното на табелата.
Фудбалерите на Барнли го совладаа Стоук со 1-0 во средбата од 17-тото коло на Премиер лигата. Домашните играчи продолжија со фантастичните партии и се наоѓаат на четвртото место – позиција која води во Лигата на шампионите.
Барнли до одлучувачкиот гол дојде во 89-тата минута, кога Барнс го совлада Бутланд. Барнс ја спушти топката со гради, потоа Арфилд кратко одигра кон него, а тој со силен удар ја затресе мрежата.
Домашната екипа е вистински хит во оваа натпреварувачка година во Премиер лигата - има скор 9/4/4 по 17 одиграни натпревари.

Најнови вести