Корисничко име Лозинка Пријави се
14.12.2017

Рекорд на Сити: 15 победи по ред

Фудбалерите на Манчестер сити продолжуваат со успесите во Премиер лигата со 15-тата последователна победа од почетокот на сезоната.

„Граѓаните“ продолжија со одличните резултати и со 4-0 го совладаа Свонси во гости, станувајќи прва екипа со толкава серија на триумфи во една сезона.
Со победата во неделата над градскиот ривал Јунајтед, Сити го изедначи некогашниот успех на Арсенал, но „топчиите“ тоа го направија во две натпреварувачки сезони, па сега нема дилема која е најдолгата серија во историјата на англискиот фудбал.
Избраниците на Пеп Гвардиола уште еднаш потврдија дека се најголеми ривали за освојување на титулата на Островот, а за разлика од неколкуте претходни натпревари во коишто се мачеа, сега немаа проблеми.
Водство на гостите во Велс им донесе Давид Силва во 27-мата минута. Само седум минути подоцна, семафорот покажа 0-2 и Кевин де Бројне го реши прашањето на победникот.
Со тој резултат заминаа на пауза, а на почетокот на вториот дел шпанскиот играч за врска го постигна неговиот втор погодок за 0-3.
Сити продолжи со нападите и создаде уште неколку шанси до крајот на средбата, а конечниот резултат го постави Серхио Агуеро на пет минути пред крајот.
По 17 одиграни кола во Премиер лигата, екипата на Гвардиола има предност од 11 бодови пред второпласираниот Јунајтед.
„Црвените ѓаволи“ во терминот кој почна 15 минути подоцна, со минимален резултат (1-0) го совладаа Борнмут на нивниот стадион, а стрелец на единствениот погодок беше Ромелу Лукаку во 25-тата минута од средбата и на тој начин делумно се искупи за очајната партија во дербито на Манчестер.
Јунајтед сега има 38 бода, три повеќе од Челзи, кој се наоѓа на третото место.
Четврти е Тотенхем, кој со погодоците на Орие и Сон Хеунг-мин го доби Брајтон (2-0), додека Евертон со минимален резултат го совлада Њукасл во гости. Лестер беше убедлив на гостувањето на Саутхемптон и славеше со 4-1, а Арсенал и Ливерпул второ коло по ред ги разочараа нивните навивачи.
„Топчиите“ одиграа без голови на гостувањето кај Вест хем, а и резултатот во дуелот меѓу „црвените“ и Вест Бромич албион беше 0-0.

Најнови вести