Корисничко име Лозинка Пријави се
23.12.2017

Зидан: Што и да се случи во Ел Класико, нема да биде крај

Реал Мадрид ја дочекува Барселона во најголемото дерби на шпанската лига, Ел Класико, денес од 13 часот, а Зинедин Зидан, тренерот на Кралскиот клуб, изјави дека смета дека резултатот на овој натпревар нема да има пресудно влијание на крајот на првенството.

Барселона води на табелата на Ла Лига со 42 бода по 16 натпревари, додека Реал е на четвртото место и има 11 бода помалку, но и натпревар помалку.
Реал не смее да им дозволи на Каталонците уште повеќе да се одделат на чело на табелата, а во прилог не му оди ниту историјата, која вели дека ниту една екипа досега во шпанското првенство не успеала да ја освои титулата по заостанување од десет бода.
Зидан на конференцијата пред натпреварот изјави дека никој не размислува за откажување, но дека нема да биде крај на светот ако Барселона биде на плус 14.
„Без оглед на тоа што ќе се случи, ние ќе продолжиме да работиме и да размислуваме. Преостанува долг пат, а денес се во игра само три бода. Знаеме дека мораме да играме добро, но тоа нема да промени што било, што и да се случи. Сигурен сум дека ќе биде најтешкиот натпревар во сезонава, натпреварите меѓу Реал и Барса секогаш се такви. Одлични се, но секогаш се тешки. Не е само до овие натпревари ако сакате да ја освоите Лигата. Сепак, важно е да се победи во Ел Класико за да ја освоите Лигата, а играчите постојано размислуваат за тоа“, изјави Зидан.
Имаше и предлози играчите на Барселона почетокот на мечот да им оддадат почест на ривалите од Реал, коишто минатата недела го освоија Светското клупско првенство.
„Жал ми е, но тоа не ме интересира. Сакам да зборувам само за натпреварот. Така размислуваме сите во клубот...само за натпреварот“, додаде Зидан.
Ел Класико се игра денес, од 13 часот.

Најнови вести