Корисничко име Лозинка Пријави се
26.12.2017

Клоп: Мораме во Лигата на шампионите

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека играчите мора да ги избегнат грешките што ги правеа во некои натпревари ако сакаат да обезбедат место во Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Ливерпул денес, од 18.30 часот играат на домашен терен против Свонси, а натпреварот традиционално се игра на вториот ден на Божиќ - Боксинг деј.
Ливерпул е четврти на табелата и заостанува со 20 бодови зад првопласираниот Манчестер сити, а Клоп изјави дека неговата екипа има многу да игра за тоа.
„Мораме да се пласираме во Лигата на шампионите. Мораме да го завршиме првенството на што подобра позиција. Можеме да бидеме втори, трети или четврти, а тоа е фантастична ситуација. Не е онаа за којашто сонуваме, но е фантастична. Затоа работиме и мораме да се подобриме на сите полиња“, изјави Клоп, а пренесе „Скај“.
Тој додаде дека мисли дека никој освен Манчестер сити и можеби Манчестер јунајтед не размислува многу за тоа дека би можело да ја освои титулата.
„Во оваа многу тешка Лига, што се однесува до игрите, ние досега бевме константни. Ако останеме такви и ако ги избегнеме грешките, како таа што одигравме реми со Арсенал (3-3), ќе победуваме во многу натпревари, пред да играме нерешено и да губиме“, додаде Клоп.
Германскиот тренер изјави дека неговата екипа мора да одигра добро против Свонси и дека не смее да помисли дека победила пред да почне натпреварот, иако нејзиниот денешен противник е последен на табелата. 
„Јасно е дека тие се под притисок, бидејќи се борат за опстанок. Но, ќе бидеме подготвени, ќе играме како против Арсенал, но мораме да ги избегнеме грешките коишто ги направивме тогаш. Не се сеќавам на нашите натпревари од минатата година, единствено што се сеќавам е дека изгубивме. Но, сега не го планираме тоа“, изјави Клоп.

Најнови вести