Корисничко име Лозинка Пријави се
28.12.2017

Продолжува неверојатната серија на Манчестер сити

Екипата на Манчестер сити победи на гостувањето на Њукасл со 1-0 во претпоследниот натпревар од 20-тото коло на Премиер лигата.

Непобедливоста на екипата на Пеп Гвардиола продолжува и по 20 одиграни натпревари, а она што е најимпозантно е тоа што ова беше 18-тата победа по ред.
Ова беше вкупно 28-ми последователен натпревар во Премиер лигата во којшто „граѓаните“ не се поразени.
Натпреварот беше релативно изедначен, домашните играчи имаа неколку шанси да дојдат до гол, но ниедна не ја искористија.
Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи во 31-вата минута, кога Рахим Стерлинг ја затресе мрежата на Роб Елиот. На натпреварот Сити дури четири пати ја погоди стативата, а можеби најблиску до гол беше кај третиот пат.
Де Бројне ја испрати топката од околу дваесетина метри и по одбивањето од стативата, таа дојде до Агуеро, кој ја испрати во голот. Но, се наоѓаше во недозволена позиција, па голот беше поништен.
Завршницата на натпреварот им припадна на домашните играчи, а најблиску до голот беа во 89-тата минута, кога Кристијан  Ацу одлично шутираше со глава. Но, неговиот обид помина покрај левата статива.
Еден од најагилните играчи беше Двајт Гејл, кој во 75-тата минута доби жолт картон поради симулирање во казнениот простор. Имаше контакт со играчот на Сити, но Гејл исценира фаул.
Сити е убедливо прв со 58 бодови, додека Њукасл е 15-ти со 18 бодови. Ова беше негов петти пораз по ред пред домашната публика.

Најнови вести