02.1.2018 Фергусон: Се сомневам дека рекордот на Венгер ќе биде надминат
Сер Алекс Фергусон, легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, му оддаде почит на неговиот голем ривал Арсен Венгер за тоа што францускиот стручњак го надмина неговиот рекорд во Премиер лигата.
Арсенал на последниот ден од 2017 година одигра нерешено 1-1 со Вест Бромич албион, а на Венгер тоа му беше 811-ти натпревар на клупата на „топчиите“ во Премиер лигата. Фергусон 810 пати ги водеше „црвените ѓаволи“ во првенството на Англија.
Тие двајца низ годините имаа жестоки дуели додека нивните тимови се бореа на чело на Премиер лигата, но Фергусон овој пат со поинаков тон испрати порака до францускиот менаџер.
„Му честитам на Арсен за тоа што го надмина мојот рекорд од 810 натпревари во Премиер лигата. Тоа е фантастично достигнување коешто бараше највисоки стандарди, посветеност и професионалност. Се сомневам дека неговиот рекорд, колкав и да биде, дека некогаш ќе биде надминат. Му честитам за неговата навистина неверојатна кариера и одличната работа во фудбалот и во Арсенал“, изјави Фергусон во соопштението коешто го објави Асоцијацијата на менаџерите.
Арсенал моментно го држи петтото место на табелата на Премиер лигата со 38 бодови, 21 помалку од водечкиот Сити, а наредниот натпревар фудбалерите на Венгер го играат утре, кога ќе го дочекаат Челзи.