Корисничко име Лозинка Пријави се
12.1.2018

Баерн сака да го задржи Хејнкес

Јуп Хејнкес, тренерот на Баерн од Минхен, повторно изјави дека нема да го продолжи договорот, но управата на клубот сака да го убеди и наредната сезона да остане на клупата.

По првиот дел од сезоната, Баерн има предност од 11 бодови во однос на второпласираниот Шалке, на екипата добро ѝ оди во Купот на Германија и во Лигата на шампионите, па управата на клубот е задоволна.
Хејнкес во септември минатата година по четврти пат се врати во Баерн, а во последниот мандат во 2013 клубот го предводеше до тројната круна - првенството, Купот и Лигата на шампионите.
Тој минатиот септември на клупата го замени отпуштениот Карло Анчелоти и оттогаш има само еден пораз, од Борусија Менхенгладбах во ноември (1-2), а во останатите 15 натпревари Баерн победи.
Хејнкес во септември се врати од пензија, кога изјави дека во тешките моменти ќе му направи услуга на клубот и нема да го остави по завршувањето на сезоната.
„Веќе сè кажав на таа тема. Не сакам да кажам ништо друго“, изјави 73-годишниот Хејнкес.
Ули Хенес, претседателот на Баерн, изјави дека враќањето на Хејнкес на клупата е добивка на лотарија со џекпот и дека е кандидат за тренер и во наредната сезона.
Карл-Хајнц Румениге изјави пофални зборови за Хејнкес за работната етика, искуството, темпераментот, начинот на којшто се однесува кон играчите, како и за тоа што многу внимание посветува на деталите.
Управата сака Хејнкес да остане на клупата, како и играчите.
„Секако дека тоа можеме да го замислиме“, изјави фудбалерот Арјен Робен.
Баерн вечерва ќе игра во Леверкузен против Баер, кој нема изгубено оваа сезона на домашен терен. Освен подолго повредените Мануел Нојер и Тијаго Алкантара, сите играчи на Баерн се подготвени за натпреварот.
„На добар пат сме“, изјави Сандро Вагнер, старо-новиот играч на Баерн кој би можело да дебитира вечерва.

Најнови вести