Корисничко име Лозинка Пријави се
13.1.2018

Македонија против Словенија на стартот на ЕП

Ждрепката одлучи Македонија да игра со актуелниот европски шампион и со третопласираната екипа од последното светско првенство.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалес вчера одржаа лесен тренинг во Арената во Загреб, каде што ќе се натпреваруваат во рамките на Европското првенство во ракомет. Вчера и официјално беше објавен составот од 16 ракометари, а денес ќе го одиграат првиот натпревар.
Селекторот Гонзалес изјави дека смета дека неговата екипа е подготвена, но не даде никаква прогноза за евентуален пласман.
„Ние сме подготвени, имаме доверба, сакаме да играме. Сега се фокусираме на натпреварот против Словенија и сигурен сум дека ќе играме добро“, изјави Гонзалес пред почетокот на вчерашниот тренинг.
Капитенот Лазаров изјави дека е клучно тоа што играчите се здрави и не влечат повреди.
„Имавме добри подготовки, изигравме два контролни меча во кои победивме. Многу е битно што здравствениот билтен е на наша страна. Сите играчи се во одлична форма, немаме повредени, а тоа може да се покаже како клучно бидејќи за разлика од останатите репрезентации, ние немаме толку голем ростер на играчи“, изјави Лазаров.
Во нашата репрезентација владее одлична атмосфера, играчите се полни со самодоверба и го чекаат стартот на првенството за да покажат што знаат.
„Оваа селекција е спој на искуство и на млади перспективни ракометари. Тие ја имаат нашата комплетна поддршка и се надевам дека ќе се покажат и ќе понесат голем дел од товарот во натпреварите“ додаде Лазаров.
Ракометната експедиција на Македонија во Загреб пристигна во четвртокот и е сместена во хотелот „Панорама, а „Македонската фаланга“, како што се нарекуваат навивачите, пристигнаа утрово. Нашата репрезентација ќе ја бодрат две илјади навивачи во Арената во Загреб и ќе имат тешка задача бидејќи најавени се околу осум илјади навивачи на Словенија.
Македонските репрезентативци првиот натпревар го играат вечерва, од 19.30 часот против Словенија, репрезентацијата која го освои бронзениот медал на Светското првенство.
Во понеделник Македонија ќе игра со Црна Гора, а во среда со репрезентацијата на Германија, која е актуелен европски шампион. Ако нашите ракометари извојуваат една победа, тогаш ќе го продолжат натпреварувањето во новоформираната група, а натпреварите ќе се играат во Вараждин.
Европското првенство почна вчера, со натпреварите меѓу Хрватска и Србија и меѓу Франција и Норвешка.

Најнови вести