Корисничко име Лозинка Пријави се
17.1.2018

Реми со Германија за прво место во групата Ц

Македонската ракометна репрезентација одигра уште еден феноменален натпревар и малку недостасуваше со стопроцентен учинок да го заврши настапот во групата Ц на Европското првенство во ракомет во Хрватска.

Македонија ремизираше со европскиот шампион Германија 25-25 (11:12) во последниот натпревар од групата Ц и како првопласирана репрезентација и со три бода патува во втората група.
Нашите репрезентативци одлично го почнаа натпреварот, во нападот често игравме без голман, а тоа се покажа успешно за резултатска предност во првите 15 минути од натпреварот.
Европскиот шампион сепак ја презема контролата на играта и направи три поени предност, но македонските репрезентативци не допуштија да се одлепи, па на полувремето резултатот беше 12:11 за Германија.
Во второто полувреме силите беа изедначени и се играше цврста игра, гол за гол.
Нашата репрезентација имаше напад за победа, но на 12 секунди пред крајот германскиот голман го одбрани ударот на Стојанче Стоилов од шест метри, а Германците во последниот напад не се заканија кон голот на Борко Ристовски кој имаше одлична вечер со 12 одбрани.
Најефикасен во македонската репрезентација беше Филип Талески со шест голови, Кире Лазаров и Дејан Манасков постигнаа по 5 гола.
Ова е прво реми на Македонија против Германија по серијата од пет порази во досегашните меѓусебни дуели.
Македонија како првопласирана репрезентација ќе има три дена одмор, па првиот  настап во Вараждин ќе го има на 21 јануари. 
По комплетирањето на натпреварите во групата Д, Шпанија е најдобра во „кругот“ од трите репрезентации и таа е нашиот прв противник, следи Чешка два дена подоцна, а со Данска играме во последното коло на 24 јануари.

Најнови вести