Корисничко име Лозинка Пријави се
18.1.2018

Меси трагичар, Еспањол ја собори Барса по девет години

Фудбалерите на Еспањол приредија изненадување во првиот натпревар од четврт-финалето на Кралскиот куп, ја победија Барселона со 1-0.

Домаќинот славеше во каталонското дерби за прв пат од 2009 година со голот на тинејџерот Оскар Мелендо на две минути пред крајот на натпреварот.
Трагичар на натпреварот беше Лионел Меси, кој во 61-вата минута не го погоди пеналот за Барселона.
Каталонците воспоставија иницијатива од стартот на натпреварот, го бараа патот кон голот на домаќинот, кому приоритет му беше токму тоа прво да ја сочува мрежата, а потоа да се закани од потенцијална контра.
Гостите се мачеа конкретно да му се заканат на голот на Еспањол, а најдобрата шанса ја пропушти Денис Суарес,кој од десетина метри топката ја испрати покрај голот, иако беше осамен.
Шанса да поведат имаа на средината на второто полувреме, откако Роберто беше срушен во казнениот простор на Еспањол. Меси ја зеде топката и ја стави на белата точка, но Диего Лопес излезе како победник од овој дуел.
Во самиот финиш, Еспањол конечно се разбуди во нападот, се ослободи од притисокот на градскиот ривал и во последните минути го шокира лидерот на Лига 1.
Наваро ја испрати топката во казнениот простор, а 19-годишниот Мелендо ја затресе мрежата зад грбот на немоќниот Јаспер Силесен.
Сè уште ништо не е завршено, патникот во полуфиналето ќе се одлучи во реваншот на „Камп ноу“ на 25-ти јануари, но навивачите на Еспањол уште долго ќе паметат вчерашната вечер.

Најнови вести