Корисничко име Лозинка Пријави се
25.1.2018

Зидан: Најлоша ноќ во животот – против ПСЖ на сè или ништо

Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, ја презеде одговорноста за поразот од Леганес и елиминацијата од Кралскиот куп.

Реал го заврши учеството во Купот откако изгуби со 2-1 во реванш-натпреварот на „Сантијаго Бернабеу“, во којшто влезе со минимална предност од првата средба.
„Резултатот е фер бидејќи не го направивме она што го сакавме. Ова е неуспех и ја преземам одговорноста. Многу сум разочаран, ова е тежок удар“, изјави Зидан за шпанските медиуми.
Зидан додаде дека не им е лут на неговите играчи, туку на себе.
„Дали ова е мојата најлоша ноќ? Јас секогаш ја преземам одговорноста за она што го работам и да, ова е мојата најлоша ноќ“, додаде тренерот на Реал.
На Реал сега му останува да се бори само за титулата во Лигата на шампионите, каде што во осминафиналето го чека двомечот против ПСЖ, бидејќи зад водечката Барселона во Примера лигата заостанува со огромни 19 бода и дуел помалку.
„Мораме да им се извиниме на навивачите, да ја прифатиме ситуацијата и да се собереме бидејќи сезоната сè уште не е завршена. Против ПСЖ ќе играме на сè или ништо“, изјави Зидан.
Првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Реал и ПСЖ се игра на 14-ти февруари.

Најнови вести