Корисничко име Лозинка Пријави се
02.2.2018

Џеко: Ми ласкаше Челзи, но Рим стана мојот дом

Един Џеко, напаѓачот на Рома, изјави дека му е мило што останал во Рим и покрај заинтересираноста на Челзи.

„Вистина е дека се водеа преговори и тоа е сè што можам да кажам на таа тема. Имаше многу шпекулации, невистини, па дури и некои смешни тврдења, а мене навистина ми ласкаше заинтересираноста на Челзи, клубот кој многу го почитувам. Меѓутоа, во текот на неколкуте последни седмици се раскажани толку приказни дека ќе си заминам од Рим, а јас и денес сум тука. На крајот на краиштата, среќен сум што останувам во Рома бидејќи Рим стана мој дом и неизбришлив дел од мојот живот“, изјави Џеко за медиумите.
„Уште од првиот ден во Рим сум прифатен на необичен начин и тоа никогаш не можам и не сакам да го заборавам, а за овој град ме врзуваат некои од најсреќните моменти во животот. Овде за прв пат ја почувствував среќата на татковството кога се роди Уна, а во Рим се роди и мојот син Дани. Овој град сега е дел од мојот живот и секогаш ќе биде тоа“, додаде напаѓачот на „волчицата“.
По 22-одиграни кола во Серија А, Рома се наоѓа на петтото место со 41 освоен бод, а во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе игра против Шахтар. Но, „волчицата“ сега има низа од шест натпревари без победа.
„Факт е дека долго не сме славеле, што е многу фрустрирачки за нас. Во неколку натпревари немавме ни доволно среќа, но верувам дека имаме сила и квалитет да се извлечеме од кризата. Сите работиме напорно за што побрзо да се вратиме на победничката патека, но тешко ни оди. Меѓутоа, имаме квалитет и уверен сум дека станува збор за момент кога ќе излеземе од негативната серија и ќе го пронајдеме победничкиот ритам“, изјави Џеко.
Напаѓачот роден во Сараево има 31 година, во Рома е од 2015, а претходно играше за Манчестер сити, Волфсбург, Теплице и Железничар.

Најнови вести