Корисничко име Лозинка Пријави се
03.2.2018

Зидан во јануари без трансфери: Слепо верувам во мојот тим

Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, на конференцијата за медиумите пред денешниот натпревар против Леванте (20.45) изјави дека немало потреба да се доведат нови играчи во зимскиот преоден рок, како и дека има целосна доверба во сегашната екипа.

Реал испадна од Кралскиот куп, во Лигата на шампионите и понатаму е во игра, додека титулата во Шпанија речиси е изгубена бидејќи Барселона има предност од 19 бода на табелата.
Иако во текот на јануарскиот преоден рок се завршени неколку големи трансфери во Европа, Реал не купи ниту еден играч.
„Заедно сме иако е тежок моментот. Знам дека играчите се фокусирани кога е тешко. Имам доверба во мојата екипа, во нив верувам слепо – ништо повеќе не е потребно. Имам доверба во нив, тоа сакам да им го покажам, а тие да возвратат со работа и став дека сè уште ништо не е завршено“, изјави Зидан.
Францускиот стручњак додаде дека не го интересираат приказните за наредната сезона, бидејќи оваа сè уште не е завршена.
„Не ме интересира што ќе биде следната година. Ме интересира само овде и сега. Сакам само да го подготвам тимот за наредниот натпревар. Медиумите зборуваат дека Ла Лига веќе е решена, но јас не верувам во тоа. Никогаш не се знае во фудбалот што ќе биде, а ние сакаме да победиме во сите натпревари“, додаде Зидан.

Најнови вести