Корисничко име Лозинка Пријави се
14.2.2018

Игуаин трагичар по двата гола, Сити лесно во четврт-финалето

Фудбалерите на Јувентус и на Тотенхем ремизираа 2-2 по драмата во Торино, додека Манчестер сити убедливо славеше во Базел со 4-0 во првите натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Се чинеше дека „старата дама“ уште во првото полувреме од натпреварот ќе ја заврши работата во едно од дербијата на рундата откако Гонзало Игуаин постигна два гола во првите осум минути.
Но, на крајот на првото полувреме Хари Кејн успеа да го намали резултатот совладувајќи го Џанлуиџи Буфон, а во продолжението на полувремето се случи клучниот детаљ на натпреварот.
Игуаин имаше шанса да стави точка на двомечот и да постигне хет-трик, но Аргентинецот ја погоди пречката од вториот пенал на натпреварот.
Тоа скапо го чинеше домаќинот бидејќи на средината на второто полувреме Кристијан Ериксен го надмудри Буфон и со одличен гол од слободен удар изедначи на 2-2, за блага предност пред реваншот.
Јувентус до оваа средба прими само еден гол на 16 натпревари во Лигата на шампионите, а на овој дури два.
Во двомечот меѓу Манчестер сити и Базел сè е решено, „граѓаните“ одличната форма од Премиер лигата ја пренесоа и во Лигата на шампионите и за десетина минути се изборија за пласман во четврт-финалето на натпреварувањето.
Илкај Гундоган, Бернардо Силва и Серхио Кун Агуеро во периодот од 14-тата до 23-тата минута ја тресеа мрежата на Базел, а точка на одличната вечер на Англичаните на „Сент Јакоб“ стави Гундоган со вториот погодок на натпреварот, со одличен удар од работ на казнениот простор.
Реванш-натпреварите на овие тимови се играат на седми март во Лондон, односно во Манчестер.

 

Најнови вести