Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2018

Сеск: Самоубиство е да се браниш; Вилијан: Во гости исто така

Сеск Фабрегас, играчот за врска на Челзи, изјави дека ништо не е завршено по ремито 1-1 со Барселона на домашен терен во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Навистина штета... Мислам дека добро одигравме, планот на играта го спроведовме на дело, бевме цврсти, компактни, одигравме тимски и создадовме многу шанси. Вилијан можеше да постигне хет-трик, но дома си одиме тажни бидејќи фантастичната игра не донесе фантастичен резултат“, изјави Фабрегас.
Вилијан пред да го постигне водечкиот гол, два пати ја погоди стативата, а изедначувањето на Барселона ѝ го донесе Меси во 75-тата минута, по грешката на Кристенсен.
„Двомечот сè уште е отворен, покажавме дека можеме да се натпреваруваме со нив. Ќе ни биде потребна уште една одлична партија за понатамошен пласман на стадионот „Камп ноу“. Треба да се има многу карактер за да се игра со екипа која 70 отсто од времето ја држи топката во нозете. Мораме да одиме да напаѓаме и да дадеме гол бидејќи таму да се браниме 90 минути е вечност, самоубиствена мисија. Мораме да ја играме својата игра“, додаде Шпанецот.
Вилијан изјави дека неговиот тим немал среќа.
„Среќен сум за голот, но тажен сум поради резултатот. Мислам дека заслуживме победа – тие подолго ја држеа топката, но ние создадовме повеќе опасни шанси. Во Барселона мораме да играме на истиот начин. Јас немав малку среќа (поради двете стативи). Морам да продолжам да работам, со нетрпение ги очекувам следните натпревари, засега не смееме да мислиме за друг натпревар, туку за Премиер лигата“, изјави Бразилецот.
Реваншот се игра на 14-ти март во Барселона.

Најнови вести