Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2018

ФА ќе покрене истрага против Виган и Сити

Фудбалската асоцијација на Англија ќе покрене истрага за четири инциденти коишто се случија во текот на натпреварот од петтото коло на ФА купот меѓу Виган и Манчестер сити, пренесува ЕСПН.

Виган на домашен терен го совлада Манчестер сити, водечкиот тим на Премиер лигата, финалист на Лига купот и учесник во Лигата на шампионите, со 1:0. Човекот кој го одлучи натпреварот е Вил Григ од Северна Ирска, кој погоди во 78-мата минута.
Натпреварот го обележаа повеќекратни инциденти, а официјалните лица го чекаат извештајот на судијата Ентони Тејлор за четирите.
Прво што ќе се истражува е судирот меѓу менаџерите Пол Кук и Пеп Гвардиола. Повод за вербалниот судир во тунелот на стадионот во Виган беше исклучувањето на Фабијан Делф во последните моменти на првото полувреме. ФА ќе го следи извештајот на судијата, но ќе ги земе предвид и снимките.
Виган би можело да биде казнет и поради сцената на крајот на натпреварот. Наводно, Сити барал објаснување како била дозволена инвазија на навивачите  на теренот по натпреварот и поради што била загрозена безбедноста на играчите.
Истрага ќе се покрене и поради рекламниот леток кој погодил полицаец, а кој пролетал од просторот на којшто се наоѓал Сити.
Последниот инцидент кој ќе биде ревидиран е судирот меѓу Серхио Агуеро и навивачите на Виган.

Најнови вести