Корисничко име Лозинка Пријави се
06.3.2018

Мурињо: Целиот тим правеше грешки, примивме детинест гол

Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, изјави дека е задоволен од победата по пресвртот против Кристал палас со 3-2, но дека не може да биде задоволен од она што го прикажаа неговите фудбалери во одбранбените задачи.

Палас поведе со 2-0 со головите на Таузенд и Ван Анхолт, кај вториот погодок одбраната на „црвените ѓаволи“ дури беше во сон, кога Џефри Шлуп на брзина изведе слободен удар, по што беше совладан Де Хеа во 48-мата минута.
„Ова беше тежок натпревар за мене бидејќи тимот правеше многу грешки. Имавме одличен став, добар квалитет во второто полувреме, но направивме премногу грешки во одбраната. А кога го кажувам тоа, не мислам само на дефанзивните играчи, туку на тимот во целина. Поради тоа натпреварот не ме воодушеви, бидејќи не сакам кога мојата екипа ќе ја изгуби контролата и организацијата. Но, секако, натпреварот и пресвртот беа одлични. Да не го примевме вториот гол, туку по излегувањето од соблекувалната во второто полувреме да тргневме да го менуваме резултатот, тогаш би можел да кажам дека во текот на паузата сум направил нешто добро. Но, тој срамотен, детинест втор гол промени сè“, изјави Мурињо по натпреварот.
Мурињо беше лут, а тоа можеше да се види и од фотографијата на која го оттурнува асистентот Руи Фарија, но изјави дека на крајот екипата сепак го пронашла вистинскиот начин за да победи.
„Играчите знаеја да го задржат одличниот став. Џеси Лингард како лажен десен бек правеше доста проблеми, додека Хуан Мата наоѓаше простор во средината. Топката ја испраќавме брзо, а Маркус Рашфорд на левата страна го повлече нивниот десен бек широко, што остави простор во средината. Тоа беше добар став, но имавме и малку среќа да постигнеме гол во последните неколку минути“, изјави Португалецот.
На крајот Јунајтед победи со одличниот гол на Немања Матиќ во 91-вата минута.

Најнови вести