08.3.2018 Алегри: Кога ќе опадне ритамот, тогаш ние газиме
Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, изјави дека смета дека неговата екипа целосно заслужено се изборила за местото во четврт-финалето на Лигата на шампионите.
„Старата дама“ направи пресврт на „Вембли“ (2-1) и по ремито во Торино, се пласира во следната рунда од натпреварувањето.
„Мислам дека Јувентус заслужено е во четврт-финалето, ако ги анализираме двата натпревари. Ние бевме упорни, ја чекавме нашата шанса и кога ритамот опадна, ние нагазивме. Лихтштајнер одлично се вклопи во натпреварот, асистираше и добро ги затвори страните. Со оглед на тоа дека во првиот натпревар ја испуштивме предноста од 2-0 и дека вечерва не добивме пенал, мислам дека Јуве оправдано е во четврт-финалето“, изјави тренерот на Јувентус.
„Многумина ме критикуваа за ремито во Торино, но ова не е мој реванш. Пофалби добиваат играчите, а не тренерите. Ние сме овде само да даваме насоки“, додаде Алегри.
Јувентс во последните три години два пати беше поразен во финалето на Лигата на шампионите, прво од Барселона, а потоа и од Реал Мадрид.