Корисничко име Лозинка Пријави се
10.3.2018

Мурињо ја спушта топката: За мене секој ривал е ист

Денес на програмата е најголемото дерби на англискиот фудбал меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул, во рамките на 30-тото коло на Премиер лигата, а Жозе Мурињо, менаџерот на „црвените ѓаволи“, на сите начини се обидува да ги релаксира неговите играчи.

„Во прашање се два историски клуба во Англија и во светот. Сакам да победиме, секако, тие имаат само два бода помалку од нас. Натпреварот е голем, ривалот е голем, но не сум премногу добар во тие ривалства и во приказните ’овој натпревар е посебен, оној натпревар е посебен’. За мене секој противник е ист. Никогаш не сум гледал на Милан како на посебен ривал, ниту на Атлетико, ниту на Тотенхем или Арсенал“, изјави Мурињо.
Португалецот додаде и дека знае колку на навивачите им значи натпреварот со „црвените“, но дека тој не е единствениот голем клуб кој го очекува неговиот тим до крајот на сезоната.
„Моментно важно е да се освојат бодовите за пласман во топ 4, да се задржи второто место. Не мислам дека навивачите би биле среќни ако кажам дека ова е натпревар на сезоната, па да излезе дека дуелот со Севилја не е голем натпревар. Исто така, натпреварот со Брајтон во полуфиналето на ФА купот е тука. Сите сакаат на ’Вембли’. Мојата работа е да ги подготвам играчите на секој натпревар да му пристапат на ист начин“, додаде тренерот на „црвените ѓаволи“.
Во минатиот натпревар меѓу двата тима (0-0), Јунајтед беше исклучително дефанзивно настроен, поради што Мурињо доби многу критики. Сепак, Португалецот испрати јасна порака до сите критичари.
„Тоа се некои луѓе кои не можеле да си ги решаваат нивните проблеми кога биле менаџери, па сега даваат мислење и имаат решение за сè. Искрено, оваа седмица бев повеќе фокусиран на уживање во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа и на подготовките на својот тим отколку на нивните размислувања“, изјави Мурињо.
Дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул на „Олд Трафорд“ се игра денес, од 13.30 часот. По 29 одиграни натпревари, Јунајтед се наоѓа на второто место со 62 бода, додека Ливерпул е трети со 60.

Најнови вести