Корисничко име Лозинка Пријави се
14.3.2018

Мурињо: Елиминацијата во оваа фаза не е ништо ново за Јунајтед

Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, во изјавата даде неколку катастрофални изговори по елиминацијата од Севилја, но еден се издвојуваше.

„Црвените ѓаволи“ беа поразени во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите  од шпанскиот претставник со 2-1 и по 0-0 во Севилја, го завршија учеството во првата рунда од нокаут-фазата.
Екипата од „Олд Трафорд“ за прв пат беше поразена пред домашната публика во Европа уште од 2013 година, кога играше со Реал Мадрид.
„Се обидовме да бидеме агресивни од првата минута, но не постигнавме гол, Севилја добро ја држеше топката кај неа и го контролираа ритамот на натпреварот. Имавме добри шанси да постигнеме гол, но тие го направија тоа први и оттогаш се стана многу емотивно. По вториот гол беше невозможно да се вратиме“, изјави Мурињо.
Португалецот прво застана во одбрана на играчите, изјавувајќи дека тие се обиделе да направат сè, но потоа додаде нешто што нема да му се допадне на ниту еден навивач на Јунајтед, но ниту на управата на клубот.
„На овој стол седев два пати – прво со Порто го елиминирав Манчестер јунајтед, а потоа со Реал Мадрид. Мислам дека ова не е ништо ново за клубот“, додаде Португалецот.
Тој додаде дека неговиот колега Винченцо Монтела имал среќа кога го внесол Винсан Бен Једер во второто полувреме, кој со двата погодока го реши дуелот.
„Некогаш јас имам среќа со измените, некогаш другите тренери. Тоа беше добар потег на Монтела да го внесе Бен Једер, имаше среќа со тимот“, додаде менаџерот на „црвените ѓаволи“.
Мурињо се обиде да го намали учинокот на големиот ривал Ливерпул.
„Ливерпул во четврт-финалето на Лигата на шампионите? Да, тоа е вистина, но го немаат ФА купот. И понатаму се бориме за топ 4 во Премиер лигата и го имаме ФА купот, така што ова не е крај на светот. Разочарувачки е, но се случува“, изјави Мурињо.

Најнови вести