Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2018

Клоп: Подготвени сме да ја пишуваме историјата на Ливерпул

Иако Ливерпул игра против Манчестер сити, кој е еден од најголемите фаворити во Лигата на шампионите, менаџерот Јирген Клоп изјави дека верува дека неговиот тим може да го донесе шестиот трофеј на европскиот шампионат во клупските витрини.

Пред натпреварот од четврт-финалето на Лигата на шампионите против Манчестер сити, Јирген Клоп на конференцијата за медиумите говореше многу за историјата на Ливерпул и за тоа дека би сакал да остави длабока трага на „Енфилд роуд“.
„Клубот веќе има огромна историја, а ние мораме да ја испишеме нашата. Сретнувам луѓе коишто знаат да ми кажат кој дал гол за Ливерпул пред 37 години во 56-тата минута. Тимот треба да биде горд на тоа што претставува овој клуб. Меѓутоа, и јас направив многу со своите тимови во минатото и тогаш доаѓате до еден момент во којшто морате да направите нешто свое. Момчињата се подготвени за тоа“, изјави менаџерот на Ливерпул, кој имаше само пофални зборови за Манчестер сити.
„Сити најверојатно е најдобриот тим на Европа. Знам повеќе за нив отколку за Реал, Барселона или Баерн бидејќи многу повеќе пати сум ги гледал, но за мене се најдобри од сите останати тимови. Играат на највисоко ниво, играат така што вам ви е многу тешко да се носите со нив. Но знаеме дека има шанса и затоа ние ќе се обидеме да ја добиеме. Ако сте храбри, ако сте подготвени да згрешите, ако вашиот карактер е на највисоко ниво, тогаш постои шанса“, додаде германскиот стручњак, кој даде појаснување и за тоа како може да се добие Сити.
„Ако имате натпревар на домашен терен против нив, нема многу смисла да очекувате дека нема да примите гол. Ако се браните 95 минути, сигурно е дека тие ќе имаат удар кон голот. Ви треба фантастичен голман, фантастична одбрана и организација и ви треба храброст за да го користите просторот кој ви е даден. Мораме да бидеме сто отсто подобри во секој сегмент и офанзивно и дефанзивно“, изјави Клоп.
Натпреварот меѓу Ливерпул и Манчестер сити се игра вечерва, на „Енфилд роуд“, а почнува во 20.45 часот.

Најнови вести