Корисничко име Лозинка Пријави се
11.4.2018

Гвардиола збесна: Сите гледаат едно, а тој сака да досуди друго

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, грмеше по елиминацијата од Лигата на шампионите поради судијата од Шпанија, Матеу Лахос.

Сити по 0-3 во Ливерпул, на домашен терен беше поразен со 2-1, а во натпреварот направи пресврт одлуката на Лахос кон крајот на првото полувреме, кога беше поништен чист гол на „граѓаните“.
Лахос свиреше за офсајд на Лерој Сане, иако топката до него стигна откако ја удри Џејмс Милнер.
Штом Шпанецот го означи крајот на првото полувреме, Гвардиола втрча на теренот и жестоко му викаше на судијата, поради што доби црвен картон.
„Му реков дека беше гол. Не го навредував, бев учтив. Во право сум. Но Матеу Лахос е посебен човек кој сака да биде поинаков. Сака да биде посебен. Кога сите гледаат едно, тој одлучува сосема друго. Не реков ништо погрешно“, изјави менаџерот на Сити.
Гвардиола има лоша историја со Лахос, минатата сезона Шпанецот му досуди пенал на Монако во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите на „Етихад“ (1-1), кој не го погоди Радамел Фалкао, а потоа не свиреше фаул над Серхио Агуеро.
„Му честитам на Ливерпул, ние не донесувавме вистински одлуки. Се надевам дека тие ќе ја одбранат честа на англискиот фудбал во полуфиналето. Тие се исклучителен тим со исклучителен менаџер. Ние одигравме фантастични 45 минути, но како и минатата сезона против Монако, истиот судија расипа сè. Го знам од Шпанија, добро го познаваме. Но, Ливерпул заслужи да се пласира“, изјави Гвардиола.

Најнови вести