Корисничко име Лозинка Пријави се
11.4.2018

Лига на шампиони: Во Рим се случи чудо, дали е можно уште едно?

Вечерва се играат преостанатите два натпревара од четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Баерн ќе ја дочека Севилја. Во првиот натпревар „баварците“ славеа со резултат 2-1, а со оглед на тоа како играат на домашен терен во Бундеслигата, и во Лигата на шампионите се очекува вечерва да имаат лесна работа.
Оваа сезона клубот од Минхен одигра 19 натпревари на „Алијанц арената“ и забележа 17 победи и две ремија.
Во тимот на Баерн нема да бидат повредените Алаба и Видал, но ниту голманот Нојер, додека во андалузиската екипа нема да бидат Карол, Коршја, Хоакин Кореа, Хосе Мена и Кјер.
Винченцо Монтела, тренерот на Севилја, изјави дека смета дена неговиот тим има право да се надева.
„Немојте да нè отпишувате, сè уште имаме шанси. Постигнавме гол во првиот натпревар и сметам дека пласманот во полуфиналето не е невозможна мисија“, изјави Монтела.
Искусниот Јуп Хејнкес изјави дека смета дека неговата екипа треба да биде внимателна.
„Лигата на шампионите е најсериозното фудбалско натпреварување. Секој клуб, вклучувајќи ја и Севилја, која стигна до ова ниво на натпреварувањето, претставува фудбалска елита. Кога играте против такви екипи, морате да имате почитување, но и доза на внимателност, без оглед на резултатот од првиот натпревар. Можеби во првиот натпревар не покажавме убава игра, но остваривме победа во гости, што на крајот само тоа се смета“, изјави Хејнкес.
Во другиот натпревар, Реал Мадрид ќе го дочека Јувентус. Малкумина очекуваа дека Кралскиот клуб толку лесно ќе слави во првиот натпревар со убедливи 3-0. Меѓутоа, сепак треба да се има на ум дека станува збор за клуб со најмногу освоени европски трофеи и по расплетот во останатите натпревари, главен фаворит за освојување на најелитното клупско фудбалско натпреварување.
Покрај тоа, Мадриѓаните практично веќе ја изгубија титулата во Примера лигата, така што сите амбиции ги насочија кон Лигата на шампионите. Во домашната екипа нема да бидат повредените Начо и капитенот Рамос, додека Масимилијано Алегри нема да може да смета на еден од најдобрите поединци, Дибала, поради црвениот картон, но и на Бакалји, Бентанкур и Бернандески поради повреда.
Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека неговиот тим ја одработил само првата половина од работата со победата над Јувентус во Торино и дека пред нив е голем предизвик во реваншот.
„Остваривме добар резултат, но тоа е само 50 отсто од работата. Сакам да се докажеме на теренот, не со приказна. Мораме да го почитуваме ривалот, бидејќи големите тимови никогаш не се откажуваат. Ако бидеме фокусирани од првата до 90-тата минута, имаме добри шанси да се пласираме во полуфиналето“, изјави Французинот.
Џорџо Кјелини, дефанзивниот играч на Јувентус, изјави дека смета дека сепак треба да се биде оптимист.
„Во првиот натпревар заслуживме да изедначиме наместо што го примивме вториот гол. Нема да плачеме поради тоа, ќе одиме во Мадрид да одиграме добар натпревар, а во фудбалот никогаш не се знае. Исто така, треба да се даде добар сигнал за следната година. Натпреварот е долг и ќе ни треба баланс, но ќе ни треба и трошка здраво лудило од сите страни“, изјави Кјелини.
Реванш-натпреварите од четврт-финалето на Лигата на шампионите почнуваат вечерва, од 20.45 часот.

Најнови вести