Корисничко име Лозинка Пријави се
17.4.2018

Мурињо ќе го менува тимот за натпреварот со Тотенхем во ФА купот

Жозе Мурињо, тренерот на Манчестер јунајтед, изјави дека за претстојниот полуфинален натпревар од ФА купот против Тотенхем ќе ги изостави од екипата играчите коишто одиграа лошо против Вест Бромич албион во првенството.

Јунајтед во неделата на „Олд Трафорд“ изгуби од Вест Бромич со 1-0 и му овозможи на градскиот ривал Сити да ја освои шампионската титула.
„Црвените ѓаволи“ утре ќе играат против Борнмут во првенството, а во сабота против Тотенхем во ФА купот.
„Играчите ги избирам врз основа на нивната игра“, изјави Мурињо за Би-би-си и наведе дека некои играчи коишто играа против Вест Бромич немаат место во тимот за полуфиналето на ФА купот на „Вембли“.
Мурињо додаде дека дуелот со Борнмут е шанса за некои фудбалери да се обидат да изборат место за натпреварот со Тотенхем.
На прашањето дали тоа значи дека оние фудбалери коишто играа лошо против Вест Бромич, нема да играат против Тотенхем, Мурињо изјави:
„Да. Каков критериум имаат тренерите? Јас знам само еден: начинот на игра. Или сакате да избирам врз основа на висината на трансферите, нивните плати или убавото лице? Единствен начин да избирам е врз основа на нивната игра“, додаде португалскиот стратег.
Андер Ерера, фудбалерот од средината на теренот, се повреди во натпреварот против Вест Бромич, а Пол Погба беше заменет во 58-мата минута.
„Погба го изведов поради жолтиот картон, тој не беше полош од некои други коишто останаа на теренот сите 90 минути“, изјави Мурињо.

Најнови вести