Корисничко име Лозинка Пријави се
18.4.2018

Црвен картон, гол со рака, Барселона и Селта ги поделија бодовите

Фудбалерите на Селта и на Барселона одиграа нерешено 2-2 во Виго, во натпреварот од 33-тото коло на шпанската Ла Лига.

Барселона на „Балаидос“ водеше два пати – Усман Дембеле во првото полувреме постигна исклучително убав гол, кој му беше прв во шпанскиот фудбал, додека во вториот дел мрежата на домаќинот ја затресе Пако Алкасер.
Но, Селта и двата пати возврати – прво Џони Кастро во последната минута од првото полувреме изедначи на 1-1, а Јаго Аспас во финишот, со многу среќа, го постави конечниот резултат 2-2.
Интересно е тоа што шпанскиот репрезентативец тој погодок го постигна со рака, додека екипата на Хуан Карлос Унзуе пропушти неколку шанси да го победи големиот ривал.
Ернесто Валверде ја изведе речиси целата резервна постава, а ги немаше: Пике, Алба, Роберто, Бускетс, Иниеста, Меси и Суарес. Во второто полувреме шанса добија Меси и Роберто, кој подобро ќе беше да не влегува бидејќи во 71-вата минута доби директен црвен картон.
И покрај „лудиот“ натпревар, Каталонците 40-ти пат последователно одиграа без пораз во Ла Лига и го продолжија сопствениот рекорд.
Барселона се наоѓа на првото место и има 12 бода и натпревар повеќе од Атлетико Мадрид, додека Селта остана на деветтата позиција со 43 бода.

Најнови вести