Корисничко име Лозинка Пријави се
18.4.2018

Баерн без Видал до крајот на сезоната

Фудбалскиот клуб Баерн потврди дека Артуро Видал ќе го пропушти остатокот од сезоната бидејќи мораше да му биде извршена операција на коленото.

Чилеанскиот фудбалер претходно овој месец се повреди на натпреварот со Севилја, а повредата ја влоши на првиот тренинг, поради што беше под знак прашалник за наредните натпревари.
Видал го пропушти полуфиналето на Купот на Германија со Баер, во коешто триумфираше неговиот тим со 6-2, а Јуп Хејнкес нема да може да смета на него во најважните натпревари на сезоната во завршницата на Лигата на шампионите. Баерн веќе ја обезбеди шампионската титула на Германија, а во полуфиналето на елитното натпреварување го чека двомечот со Реал.
Баерн вчера вечерта објави дека на Видал му е извршена операција, а Чилеанецот на неговиот профил на социјалната мрежа „Твитер“ им се заблагодари на сите за поддршката и најави дека ќе се врати уште посилен.
„Овие тешки времиња се помалку тешки благодарение на илјадниците пораки со поддршка кои ги добив од сите вас. Јас нема да се предадам, нема да се откажам. Им испраќам голема прегратка на сите прекрасни луѓе коишто мислат на мене и ме поддржуваат на секој чекор“, изјави Видал.
Пред да го пропушти реваншот од четврт-финалето на Лигата на шампионите со Севилја поради повредата, Видал немаше играно само на еден натпревар за Баерн оваа сезона во елитното натпреварување. Видал сега ќе одмора до почетокот на подготовките за новата сезона бидејќи репрезентацијата на Чиле не се пласира на Светското првенство во Русија.
Фудбалерите на Баерн првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите со Реал го играат наредната среда во Минхен, а реваншот на програмата е на први мај во Мадрид.

Најнови вести