Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2018

Рома го осуди хулиганството: Го посрамотивте клубот

Фудбалскиот клуб Рома денес го осуди однесувањето на мал број нејзини навивачи коишто го посрамотија клубот пред натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул.

Двајца навивачи на Рома се приведени во Ливерпул поради обвинение за обид за убиство.
Тие непосредно пред почетокот на натпреварот на „Енфилд роуд“ му нанесле тешки повреди на 53-годишно машко лице, кое се наоѓа во критична состојба.
„Фудбалскиот клуб Рома најостро го осудува ваквото однесување на мал број навивачи коишто дошле во Ливерпул и коишто го посрамотиле клубот и поголемиот дел навивачи на ‘Енфилд роуд’“, се наведува во соопштението на италијанскиот клуб.
Рома додаде дека на таквото однесување не му е местото во фудбалот.
„Клубот соработува со Ливерпул, со Европската фудбалска унија и со властите. Нашите мисли се со повредениот навивач на Ливерпул и со неговото семејство“, се додава во соопштението на Рома.
Се огласи и УЕФА, која наведе дека е шокирана од тој инцидент.
„УЕФА е шокирана од нападот кој се случи пред почетокот на натпреварот меѓу Ливерпул и Рома. Нашите мисли се со жртвата и нејзиното семејство. На извршителите на тој напад не им е местото во фудбалот и веруваме дека властите ова ќе го сфатат сериозно. УЕФА го чека целосниот извештај пред да преземе евентуални дисциплински мерки“, се наведува во соопштението на УЕФА.
Инцидентот го осуди и фудбалскиот клуб Ливерпул.

Најнови вести