Корисничко име Лозинка Пријави се
03.5.2018

Пирова победа на Рома, Ливерпул со Реал за европската круна

Фудбалерите на Ливерпул се пласираа во финалето на Лигата на шампионите, во кое на 26-ти мај во Киев ќе играат против Реал Мадрид.

„Црвените“ синоќа беа поразени од Рома со 4-2 на „Олимпико“, а во финалето се пласираа благодарение на импресивната победа од 5-2 на „Енфилд роуд“ во првиот натпревар.
Ливерпул два пати водеше во Рим, цело време го имаше под контрола резултатот кој го води во Киев, а „волчицата“ направи пресврт дури во финишот на средбата, а до голот во продолжението дојде дури во последната минута.
Гостите поведоа уште во деветтата минута, со голот на Садио Мане по контранападот, но Рома израмни во 15-тата, со многу среќа и со автоголот на Џејмс Милнер.
Само десет минути подоцна, Ливерпул повторно поведе. По корнерот од левата страна, Един Џеко лошо реагираше и буквално му ја сервира топката на Жоржињо Вејналдум.
Рома во второто полувреме не делуваше премногу мотивирано за повторно да тргне во напад, но Џеко му ја врати живоста на неговиот тим со погодокот за ново изедначување во 52-рата минута.
Потоа следуваше жесток притисок од домашниот тим, десетина минути го опседнаа казнениот простор на Ливерпул, но гостите успеаја да им одолеат.
Дури на пет минути пред крајот на натпреварот, Раџа Најнголан со убав удар од растојание донесе пресврт, а потоа и во продолжението на времето го реализира пеналот за утешна победа на „волчицата“ и за достојно поздравување од Лигата на шампионите.
Но прашање е каков би бил текот на натпреварот ако словенечките судии на чело со Дамир Скомина не ја оштетеа „волчицата“ дури за два пенала.
Прво при водство на Ливерпул со 2-1, Словенците отсвирија непостоечки офсајд на позицијата на Џеко, кого во продолжението на акцијата Кариус го собори во неговиот казнен простор. Тоа беше чист пенал, а веројатно и црвен картон за голманот на гостите.
Уште поголема грешка Словенците направија во 63-тата минута, кога Александер-Арнолд, бекот на Ливерпул, со рака го блокира ударот на Стефан Ел Шарави во ситуација во која топката одеше право кон голот.
Во секој случај, Ливерпул повеќе од заслужено оди во неговото осмо финале на КЕШ/ЛШ. Од претходните седум, победи на пет. Последен пат во 2005 година. Сега следува дуелот со Кралскиот клуб, кој има 12 титули, а ова му е 18-то финале.

Најнови вести