Корисничко име Лозинка Пријави се
14.5.2018

Стотка за Сити, Ливерпул во ЛШ, крај на ерата на Венгер

Фудбалерите на Ливерпул со победата над Брајтон од 4-0 во последното коло на Премиер лигата, обезбедија пласман во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Натпреварот го обележа Мохамед Салах, кој го даде првиот гол на средбата, со што дојде до бројот 32 постигнати гола во сезоната – најмногу во една натпреварувачка година на Премиер лигата во историјата.
Триумфот на „црвените“ го обележаа Дејан Ловрен, Доминик Соланке и Ендрју Робертсон, коишто беа стрелци во 40-тата, 53-тата, односно 85-тата минута. Ливерпул сезоната ја заврши на четвртото место со 75 освоени бода.
Саутхемптон обезбеди опстанок во Премиер лигата, и покрај поразот од Манчестер сити со 1-0. Сити со тоа дојде до стотиот бод, и тоа во 93-тата минута, со голот на Габриел Жесус.
Тимот од Манчестер стана прв во историјата на најелитната лига на светот кој успеал да дојде до троцифрен број бодови.
Екипата на Челзи на неславен начин се збогува од Премиер лигата за оваа година откако беше поразена со 3-0 на гостувањето кај Њукалс. Избраниците на Антонио Конте останаа на петтото место и наредната сезона ќе играат во Лигата на Европа.
Головите за Њукалс ги постигнаа Двајт Гејл во 23-тата и Ајозе Перез во 59-тата и во 64-тата минута. Тимот на Рафаел Бенитес сезоната ја заврши на десеттото место со 44 бода.
Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, се збогува од клубот од Лондон на натпреварот со Хадерсфилд. „Топчиите“ победија со 1-0, со голот на Обамејанг, а на Венгер ова му беше последниот натпревар на клупата на Арсенал.
Манчестер јунајтед оствари минимална победа од 1-0 над Ватфорд (Рашфорд во 34-тата минута), додека вистинска дожд од голови имаше на „Вембли“, на натпреварот меѓу Тотенхем и Лестер. „Петлите“ славеа со 5-4, а по два гола за екипата на Маурисио Покетино постигнаа Ерик Ламела и Хари Кејн.
Триумф во последното коло остварија и Вест хем над Евертон (3-1) и Кристал палас над Вест Бромич албион (2-0). Стоук славеше на гостувањето против Свонси со 2-1, додека со тој резултат Борнмут го совлада Барнли.

Најнови вести