Корисничко име Лозинка Пријави се
18.5.2018

Португалија во Русија со 13 играчи од ЕП

Фернандо Сантос, селекторот на фудбалската репрезентација на Португалија, го објави списокот на играчи за Светското првенство, на кое неговата репрезентација доаѓа како европски шампион. Од 23-те имиња на листата, 13 играчи играа на Европското првенство.

Фернандо Сантос вчера го соопшти списокот од 23-ца играчи на кои ќе смета во Русија на Светското првенство. На списокот се наоѓаат 13 играчи коишто пред две години играа на Европското првенство, девет стартери од големото финале. На списокот ги нема Нани и Ренато Санчес, играчите коишто го почнаа финалето на Европското првенство. Го нема ниту Андре Гомес од Барселона, како ниту Фабио Куентрао, играчот на Реал на заем во Спортинг, кој изјави дека нема да биде подготвен за Мундијалот.
„Жал ми е што на списокот ги нема сите играчи коишто играа на Европското првенство. Сите тие помогнаа да испишеме важна страница во историјата на португалскиот фудбал. Морав да донесам тешка одлука, да земам предвид многу од тоа составувајќи ја оваа сложувалка. Верувам во овие играчи на истиот начин на којшто им верував на играчите коишто ги водев на Европското првенство“, изјави Сантос на конференцијата за медиумите на која го соопшти списокот.
Португалија подготовките ќе ги почне без Кристијано Роналдо, кој на 26-ти мај ќе игра во финалето на Лигата на шампионите и потоа ќе има барем една седмица одмор пред да му се  приклучи на тимот. Португалија ќе игра подготвителни натпревари со Тунис (28-ми мај) и Алжир (седми јуни), а натпреварувањето на Светското првенство го почнува со дуелот со Шпанија на 15-ти јуни во Сочи. Во групата Б со Португалија и Шпанија се уште Мароко и Иран.
Списокот на играчи на португалската репрезентација:
Голмани: Антони Лопес, Бето, Руи Патрисио;
Дефанзивни фудбалери: Бруно Алвеш, Седрик Соарес, Жозе Фонте, Марио Руи, Рафаел Гереиро, Рикардо Переира, Рубен Дијас;
Фудбалери за врска: Адриен Силва, Бруно Фернандеш, Жоао Марио, Жоао Мутињо, Мануел Фернандеш, Вилијам Карвалјо;
Напаѓачи: Андре Силва, Бернардо Силва, Кристијано Роналдо, Желсон Мартинс, Гонзало Гедеш, Рикардо Кварежма.

 

Најнови вести