Корисничко име Лозинка Пријави се
22.5.2018

„Ѕвездите“ на „Сан Сиро“ го испратија Пирло во пензија

Андреа Пирло официјално се збогува од фудбалот на ревијалниот натпревар на миланскиот „Сан Сиро“.

Поранешниот фудбалер на Интер, Милан, Јувентус и Њујорк ги собра поранешните соиграчи, коишто беа поделени во два тима, Бела и Сина ѕвезда, а натпреварот заврши со симболичен резултат 7-7.
„Им благодарам на пријателите и на сите коишто дојдоа да уживаат во овој настан“, изјави 39-годишниот Италијанец додека го поздравуваа 50.000 навивачи.
Натпреварот го обележа и моментот кога Пирло, на десет минути пред крајот, му го отстапи местото на теренот на синот Николо Пирло, кој тренира во младинската школа на Јувентус.
„Се забавуваше и среќен сум за тоа. Мора да биде задоволен кога игра фудбал, кој е најдобрата игра на светот“, додаде Андреа.
На „Сан Сиро“ играа: Паоло Малдини, Алесандро Неста, Хавиер Занети, Руи Коста, Алесандро дел Пјеро, Филипо Инзаги, Роналдо да Лима, Франческо Тоти, Кристијан Виери (Бела ѕвезда), како и Кафу, Марко Матераци, Масимо Амброзини, Кларенс Сидорф, Роналдињо, Андриј Шевченко, Карлос Тевес, Лука Тони (Сина ѕвезда).
Пирло во кариерата го освои трофејот на Светското првенство, два пати Лигата на шампионите и шест пати Серија А.
„Имам време да размислам што ќе правам. Само што ја завршив кариерата, не ми недостасува толку теренот. Можеби би можел да бидам тренер. Моите поранешни соиграчи не го сакаа тоа, но некако сите станаа тоа“, изјави Пирло.

Најнови вести