Корисничко име Лозинка Пријави се
26.5.2018

Финале на ЛШ: Хет трик за „кралевите“ или нов Истанбул за Ливерпул?

Реал Мадрид ја „брка“ својата тринаесетта титула шампион на Европа, четврта во последните пет години, а Ливерпул својата шеста. За „кралскиот клуб“ тоа ќе биде трета во низа, а за „црвените“ прва по тринаесет години по незаборавното финале во Истанбул.

Кристијано Роналдо може да влезе во историјата како прв фудбалер во ерата на Лигата на шампионите со пет трофеи, а тренерот на „кралевите“ Зинедин Зидан би можел да се најде во самата елита со Боб Пејсли и Карло Анчелоти кои единствени го имаат освоено овој трофеј три пати. Зидан би можел да стане и единствениот кој три пати по ред станал европски шампион, а минатата година стана првиот кој ја одбранил европската круна.
„Гледајќи ја историјата на клубот, ние живееме за овие моменти. Ова е мојата страст, натпреварувач сум и го сакам ова. Позади сè стои напорна работа, не само моја, туку и на сите играчи. Тешко е кога морате да го одберете тимот. Најлошо е за тренер да избере 11, особено во финалето. Некои дури нема да бидат ни на клупата. Го знаат тоа, тоа е борба, ама тоа е мојата работа и одговорност. Размислуваме како тим, играчот може да биде разочаран, но кога ќе почне натпреварот, тој е со тимот. Така стојат работите, ние сме тим, група“, изјави Французинот.
Надеж не губат ни во Ливерпул, особено не менаџерот Јирген Клоп. Ако биде поразен тоа за него ќе биде шесто финале во кое загубил. 
„Во генот на Ливерпул е да освојува големи трофеи. Овде сме затоа што сме Ливерпул. Не можеме да се бориме со Реал Мадрид на нивно ниво, но тактиката во фудбалот постои да го доведете противникот на ваше ниво. Дел од играчите се нервозни и тоа е нормално. Ова е натпревар и тоа голем, но сега треба да уживаме во него. Пред девет месеци бевме добар тим. Можеби неколкумина од нас сонуваа дека ќе играме финале, особено по игрите во некои натпревари. Тоа создаде посебен дух и тоа е нашата најголема сила“, изјави Клоп.
Реал Мадрид и Ливерпул по втор пат ќе играат во финалето на Лигата на шампионите. Првиот дуел беше во 1981 година во Купот на шампионите во Париз, а Ливерпул победи со 1-0 и го освои својот трет трофеј последните пет години.
Во меѓусебните дуели Ливерпул води со 3-2, а последните два меча му припаднаа на Реал во групната фаза на ЛШ во сезоната 2014/15.
„Луѓето можат да зборат за фаворити, но тоа овде го нема. Ние не сме фаворити, не се ни тие. Шансите се израмнети, така е секогаш во финалињата. Мораме да играме одлично и да се обидеме да победиме. Не се гледаме себеси како фаворити и ништо не земаме здраво за готово“, изјави Зидан пред последниот тренинг.
Судија ќе биде српскиот арбитер Милорад Мажиќ со своите помошници.
Вечерва во 20:45 часот на теренот на Олимпискиот стадион во Киев ќе истрчаат тимовите предводени од Роналдо и од Салах, а милионската публика очекува многу голови и спектакл каков што заслужува финалето на Лигата на шампионите.

Најнови вести