Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2018

Три гола на Меси и една асистенција во првиот тест на Аргентина

Репрезентацијата на Аргентина во Буенос Аирес убедливо ја победи селекцијата на Хаити во првиот подготвителен натпревар пред Светското првенство во Русија.

„Гаучоците“ на познатата „Бонбониера“ славеа со 4-0, а трократен стрелец беше Лионел Меси.
Најдобриот фудбалер на Барселона првиот гол за аргентинскиот тим го постигна во 17-тата минута од пенал и со минимална предност го заврши првото полувреме.
Во продолжението на натпреварот, домаќините целосно доминираа и од 58-мата до 69-тата минута ги постигнаа преостанатите три погодоци. Меси два пати беше на вистинското место и од непосредна близина го совлада голманот на Хаити, Пласидо.
Стрелец на последниот гол, и тоа по асистенцијата на Меси, беше Серхио Агуеро, кој во 59-тата минута го замени Гонзало Игуаин.
Аргентина натпреварот го почна со составот: Кабалјеро, Ди Марија, Фасио, Игуаин, Лансини, Ло Селсо, Маскерано, Меси, Отаменди, Салвио и Талјафико, а подоцна шанса добија: Павон, Рохо, Агуеро, Меса, Банега и Акуња.
„Гаучосите“ последната проверка пред Мундијалот ќе ја имаат на деветти јуни против Израел, а на Светското првенство се во групата Д заедно со Исланд (16.06), Хрватска (21.06) и Нигерија (26.06).
Репрезентацијата на Перу во Лима ја совлада Шкотска со 2-0, со головите на Кристијан Куевас во 37-мата минута од пенал и на Џеферсон Фарфан во 47-мата минута.
Перу на Светското првенство е во групата Ц со Данска (16.06), Франција (21.06) и Австралија (26.06), а до заминувањето во Русија ќе има уште две проверки, против Саудиска Арабија и против Шведска.
Во последниот пријателски натпревар одигран изминатата ноќ, селекцијата на Панама во Панама сити одигра без голови против Северна Ирска.
Панама на Светското првенство е во групата Г со Белгија (18.06), Англија (24.06) и со Тунис (28.06).

Најнови вести