Корисничко име Лозинка Пријави се
20.6.2018

Табарес: Во Уругвај фудбалот е религија, веруваме во Суарес

Оскар Табарес, селекторот на Уругвај, има многу доверба во напаѓачот Луис Суарес и покрај малку послабата партија на играчот на Барселона на стартот на Мундијалот во дуелот со Египет.

Суарес пропушти три големи шанси, а можност да се искупи ќе има на неговиот стоти настап за Уругвај во натпреварот со Саудиска Арабија, вечерва од 17 часот.
„Времето лета, сто натпревари... Тоа е број кој е многу важен за фудбалерите во репрезентациите, всушност тоа не е број, значи многу повеќе. Не во сите, но во поголемиот број од тие натпревари Суарес победата ја носеше на наша страна, влезе во нашите успеси – даде важни голови, убави асистенции. Согласни сме дека можеби не одигра најдобро со Египет, но неговиот потенцијал и понатаму е тука“, изјави Табарес, кој на клупата на Уругвај е од 2006 година, една година пред да дебитира Суарес во репрезентацијата.
„Не очекуваме да се прошетаме до победата, тие имаат брзи и способни играчи, но како и сите овде, имаат доблести и слабости. Ќе сакаат да ја зачуваат гордоста по убедливиот пораз“, додаде селекторот на уругвајската репрезентација.
Уругвај е земја само со три и пол милиони жители, а селекторот изјави колку е значаен фудбалот во татковината.
„Нема многу земји кои може да кажат дека фудбалот е дел од нивниот идентитет, но ние сме една од нив, дома дури и спомениците се во светлосина боја, пешачките премини се обоени така. Како и во 2014 година, очекував повеќе писма од постарите дами кои ќе ми кажат дека го мразат фудбалот, но кога ќе видат дека победуваме, ќе излезат од дома и ќе ја прегрнат првата личност на која ќе наидат. Во Уругвај фудбалот е религија“, изјави Табарес.
Во вториот натпревар од второто коло на групата А Русија го совлада Египет со 3-1.

Најнови вести