Корисничко име Лозинка Пријави се
21.6.2018

Уругвај со Русија во осминафиналето на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Уругвај се пласира во осминафиналето на Светското првенство откако во Ростов ја победи Саудиска Арабија со 1-0, во натпреварот од второто коло на групата А.

Единствениот гол го постигна Луис Суарес во 23-тата минута, кога по корнерот, топката падна пред голот, а тој без проблем ја испрати во мрежата.
Суарес го одигра стотиот натпревар за државниот тим. Освен Уругвај, во осминафиналето од групата А се пласира и Русија, а по двете одиграни кола, двете репрезентации имаат по шест бода.
Од турнирот испаднаа Саудиска Арабија и Египет, кои засега немаат ниеден бод. Уругвај добро почна и заслужено поведе, а Саудиска Арабија по примениот гол, заигра малку поофанзивно и создаде две шанси со Хатан Бахбир.
До крајот на полувремето, но и во првиот дел на второто полувреме, Саудиска Арабија имаше поголем посед на топката, но не успеа да го искористи тоа.
Немаше возбуда сè до 62-рата минута, кога Карлос Санчес по додавањето на Единсон Кавани, со глава ја испрати топката преку голот.
Кавани во 82-рата минута можеше да ја удвои предноста, но Мохамед ал Овајс, голманот на Саудијците, добро одбрани, па резултатот остана непроменет.
Во последното трето коло, кое се игра во понеделник, Уругвај ќе се сретне со Русија за првото место во групата, а во вториот натпревар ќе играат Египет и Саудиска Арабија.

Најнови вести