Корисничко име Лозинка Пријави се
22.6.2018

Франција се пласира во осминафиналето

Фудбалската репрезентација на Франција се пласира во осминафиналето на Светското првенство во Русија откако вчера во Екатеринбург со 1-0 го победи Перу во второто коло од групата Ц.

Франција со вчерашниот триумф и теоретски се избори за пласман во осминафиналето, додека Перу остана без шанси да се најде во втората фаза од натпреварувањето.
„Триколорите“ до триумфот дојдоа со погодокот на Килијан Мбапе во 34-тата минута, кој ја искористи добрата топка на Оливие Жиру од левата страна.
До таа минута Франција имаше контрола над натпреварот, но набрзо по водечкиот гол се повлече, а Перу тргна на сè или ништо. Јужноамериканската екипа имаше неколку солидни шанси да дојде до изедначување, а најблиска беше во 50-тата минута, кога Џеферсон Фарфан од околу 20 метри силно шутираше, но ја погоди само пречката.
Франција практично до крајот на средбата се бранеше и шанса чекаше од контранапад.
Екипата на Дидие Дешамп е прва во групата Ц со шест бода, втора е Данска со четири, додека Австралија е трета со еден, а Перу последен без бодови.

Најнови вести