Корисничко име Лозинка Пријави се
22.6.2018

Сампаоли: Не го направивме најдобриот тим за Меси

Хорхе Сампаоли, селекторот на репрезентацијата на Аргентина, изјави дека ја прифаќа одговорноста за убедливиот пораз од Хрватска на Светското првенство во Русија.

Аргентина со 3-0 беше поразена од Хрватска во второто коло на групата Д и сега има само теоретски шанси да се најде меѓу 16-те најдобри екипи.
„Како стручен штаб, не го најдовме најдобриот тим кој ќе го следи Меси“, изјави Хорхе Сампаоли.
Тој додаде дека не би требало да се обвинува голманот Вили Кабалјеро за грешката кај првиот гол.
„Не е човечки да се обвинува Кабалјеро. По првиот гол сè тргна наопаку“, додаде селекторот на Аргентинците.
Новинарите го потсетија дека тој направил неколку чудни одлуки во стартната постава, но и дека не повикал некои важни играчи во Русија.
„Јас сум тој којшто ги носи одлуките. Клучот на овој пораз лежи во мојата одговорност бидејќи јас сум тренерот. Можеше да излезе подобро и многу ме боли ваквиот исход. Веројатно не сум го прочитал натпреварот на вистинскиот начин“, додаде Сампаоли.
За Аргентинците не е сè изгубено, но сега не зависи од нив.
„Бевме возбудени пред натпреварот и тоа се виде на крајот од играчите кои тешко го поднесоа поразот. Ќе се бориме до последната топка и сè додека постои и најмала шанса за пласман во наредната фаза на натпреварувањето“, изјави Сампаоли.

Најнови вести