Корисничко име Лозинка Пријави се
13.7.2018

Питана ќе го суди финалето

Аргентинскиот судија Нестор Питана ќе ја дели правдата на финалето на Светското првенство во Русија меѓу Франција и Хрватска, објави Светската фудбалска федерација.

Борбата за титулата е закажана во недела, од 17 часот, на стадионот „Лужники“ во Москва. На Питана асистенти ќе му бидат Ернан Мајдана и Хуан Пабло Белати.
Четириесет и тригодишниот Питана по занимање е професор по физичко воспитување, а на Мундијалот веќе ја делеше правдата на четири натпревари. Беше судија на првиот натпревар на шампионатот меѓу Русија и Саудиска Арабија, на дуелот меѓу Мексико и Шведска, на натпреварот од осминафиналето меѓу Хрватска и Данска, како и на четврт-финалната средба меѓу Уругвај и Франција.
Аргентинецот е меѓународен судија од 2010 година, а е втор претставник на својата земја кој бил арбитер на две Светски првенства, по Норберт Коерече. Воедно е и втор аргентински судија кој добил шанса да го суди финалето по Орасио Елизондо во 2006 година.
Утре, во Санкт Петербург ќе се сретнат Англија и Белгија, за арбитер на натпреварот е избран Иранецот Алиреза Фагани.

Најнови вести