Корисничко име Лозинка Пријави се
14.8.2012

Можно е одложување на Примера лигата

Шпанското здружение за професионални фудбалски клубови за денес закажа состанок бидејќи 13 клубови од Примера лигата за наредниот викенд најавија одложување на планираните натпревари од првото коло на новата сезона.

Претставници на Атлетик Билбао, Атлетико Мадрид, Бетис, Селта, Еспањол, Хетафе, Гранада, Мајорка, Осасуна, Рајо Валјекано, Реал Сосиедад, Севилја и на Сарагоса бараат „Канал“ и „Медијапро“, кои се натпреваруваат за правата на пренос на натпреварите на Примера лигата, да ги отстранат разликите во своите понуди.
Овие клубови бараат транспарентен и правилно регулиран договор со којшто се одредуваат распоредот и термините на одигрување на натпреварите бидејќи сметаат дека Здружението фаворизира одредени клубови на штета на останатите прволигаши.
Хозе Марија дел Нидо, претседателот на Севилја, вчера најави дека нема да присуствува на состанокот бидејќи 13-те клубови бараат да не бидат присутни и претставници на второлигашите. Тој, исто така, порача дека почетокот на сезоната не е загрозен и покрај тоа што некои клубови сè уште ја разгледуваат можноста за откажување на своите натпревари од првото коло.
Голем број од клубовите во Шпанија се незадоволни од апсолутната доминација на Реал Мадрид и Барселона при распределбата на средствата од телевизиските права и поради непостоење колективен договор каков што обично имаат најсилните европски лиги.

Најнови вести