Корисничко име Лозинка Пријави се
18.2.2015

Осасуна и Еспањол го демантираа местењето натпревари

Шпанските фудбалски клубови Осасуна и Еспањол негираа дека минатата сезона во Примера лигата местеле натпревари.

Осасуна минатата сезона испадна од Примера лигата, а шпанските медиуми пишуваа дека клубот од Памплона се обидел да го сочува статусот на прволигаш и наместил четири натпревари, од кои еден во претпоследното коло против Еспањол. Тој натпревар беше завршен со резултат 1-1. Според пишувањата на медиумите, се наведува дека и Хавиер Агире, тогашниот тренер на Еспањол, исто така, бил вмешан во местењето натпревари.
Луис Сабалза, претседателот на Осасуна, на конференција за новинарите изјави дека нема докази коишто укажуваат на тоа дека тимот од Памплона местел натпревари.
„Написите во медиумите се неточни. Осасуна не добила никаква корист, дури испадна и од лигата“, изјави Сабалза, а пренесува „Бета“.
На друга конференција за новинарите и Рафаел Ентрена, потпретседателот на Еспањол, негираше вмешаност во местењето натпревари. Шпанскиот државен обвинител моментно води истрага за местење натпревари во сезоната 2010/11, а меѓу лицата (41) коишто се под истрага се и Габи, капитенот на Атлетико Мадрид, Андер Ерера, играчот за врска на Манчестер јунајтед и мексиканскиот тренер Хавиер Агире.
Во Шпанија местењето натпревари е кривично дело за кое казната е затвор, а клубовите може да бидат суспендирани од сите натпреварувања.

Најнови вести