Корисничко име Лозинка Пријави се
11.1.2016

Меси по петти пат со Златната топка

Лионел Меси по петти пат е избран за најдобар фудбалер во светот, прекинувајќи ја двегодишната доминација на Кристијано Роналдо.

Меси досега четири пати во низа беше прогласен за најдобар фудбалер, од 2009 до 2012, а претходните две години беше втор во изборот.
Аргентинецот минатата година постигна 52 гола и 26 пати асистираше на 61 настап за Барселона и за репрезентацијата и освои пет трофеи со каталонците.
Меси повторно остана без златен медал со „гаучосите“ по поразот на Аргентина во финалето на Копа Америка од домаќинот Чиле.
„Посебен момент е освојувањето на ’Златната топка’ откако си гледал дека Кристијано Роналдо ја освојувал. Ова ми е петта награда, никогаш не сум ни сонувал за ова кога бев дете. Им благодарам на сите кои гласаа за мене, на моите соиграчи, но и на фудбалот за сите работи кои ми ги пружи, и добри и лоши. Секогаш ме тераше да се развивам и да учам“, изјави Меси.
Освен Роналдо, конкурент на Меси за играч на годината му беше и соиграчот од Барселона, Бразилецот Нејмар да Силва.
„Ова е прекрасна награда, мило ми е што сум номиниран. По осми пат сум тука што е голема награда за мене. Клучните фактори се посветеноста и напорната работа. Мораш да бидеш сериозен во својата работа, не е случајност што сум овде толку пати. Сите имаме талент, но без работа - ништо. Сакам да играм фудбал и да рушам рекорди“, изјави Кристијано Роналдо.
За најдобар тренер минатата сезона беше избран тренерот на Барселона Луис Енрике, кој минатата сезона ги освои сите клупски трофеи, а за најдобра фудбалерка Американката Карли Лојд која беше најдобар стрелец на Светското првенство на кое триумфираше нејзината репрезентација.

Резултат на гласањето:
Лионел Меси -  41,33%
Кристијано Роналдо - 27,76%
Нејмар да Силва -  7,86%

Најнови вести