Корисничко име Лозинка Пријави се
25.2.2016

Де Хеа дефинитивно ќе го пропушти Митјиланд

Голманот на Манчестер јунајтед Давид де Хеа ќе го пропушти реванш натпреварот во шеснаесетфиналето од Лигата на Европа со данскиот Митјиланд.

Оваа вест ја потврди менаџерот на „црвените ѓаволи“, Луис ван Хал, кој само ден порано изјави дека шпанскиот голман би можел да се врати во тимот.
Де Хеа го повреди коленото во текот на загревањето пред првиот натпревар со Митјиланд во кој Јунајтед беше поразен со 2-1, а дилемата околу тоа дали ќе игра беше разрешена кога вчера го пропушти тренингот.
„Се надевав дека Де Хеа ќе се врати во тимот, но нема да игра, тоа е дефинитивно“, изјави Ван Хал и потврди дека меѓу стативите ќе застане Серхио Ромеро.
Холандскиот стручњак исто така потврди дека Антонио Валенсија е сосема близу до враќањето на теренот, но дека нема да биде подготвен за Митјиланд, додека Маркос Рохо ќе се најде на клупата, иако не е подготвен за 90 минути игра.
Дуелот меѓу Јунајтед и Митјиланд ќе се одигра вечерва во 21:05 на „Олд Трафорд“, а Данците имаат предност од 2-1.

Најнови вести