Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2016

Ѓоковиќ е најдобриот спортист во светот

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ ја освои „Лауреус“ наградата за најдобар спортист во светот во 2015 година.

Ѓоковиќ на церемонијата во Берлин по трет па ја доби престижната награда, откако претходно беше прогласен за најдобар во 2011 и 2014-тата година.
Српскиот тенисер до наградата дојде во неверојатна конкуренција, бидејќи ривали му беа шампионот од Ф1, Луис Хамилтон, фудбалерот на Барселона, Лионел Меси, најбрзиот човек во светот Јусеин Болт, кошаркарот на Голден стејт вориорс, Стефен Кари и најдобриот играч на голф, Џордан Спит.
Ѓоковиќ на тој начин по бројот на добиени награди на „Лауреус“ се изедначи со Болт, а пред нив е само тенисерот од Швајцарија, Роџер Федерер, кој четири пати победи во престижниот избор.
Српскиот тенисер успеа да освои три од четири Грен слема и тоа Аустралија Опен, Вимбелдон и УС Опен, а на Ролан Гарос беше поразен од Швајцарецот, Станислас Вавринка. Титулата ја освои на шест Мастерс турнири во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Рим, Шангај и Париз. Покрај сите тие титули беше и најдобар на турнирот од серијата 500 во Пекинг.
Најдобриот тенисер на светот се заблагодари за наградата на сите кои го предложија за ова признание, како и на членовите академијата кои гласаа за него.
„Многу сум почестен бидејќи сум во можност да стојам овде вечерва со ова престижно признание во рацете. Сакам да им се заблагодарам на членовите на ’Лауреус’ академијата, што гласаа за мене, како и на претставниците на спортските медиуми што ме номинираа. Благодарен сум за љубовта и посветеноста кон тенисот како и кон спортот воопшто што ми овозможија да имам можност да дадам свој удел во позитивните промени. Спортот е многу повеќе од игра, ги спојува луѓето на овој свет, им дава надеж на децата, им дава инспирација и им помага да сонуваат големи сништа“, изјави Ѓоковиќ.

Најнови вести