Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2016

Борбено реми на Ирска и Шведска, Шпанија минимално со Чешка

Репрезентациите на Република Ирска и Шведска одиграа нерешено со 1-1 (0-0) во првиот натпревар од Групата Е на Европското првенство, а европскиот шампион тешко стигна до победата над Чешка.

Островјаните беа доминантни сè до водечкиот погодок на Хулахан во 47-та минута, а потоа ја препуштија иницијативата на Швеѓаните.
Претходно во целото прво полувреме Ирска напаѓаше и опасно се закануваше, дури погоди и пречка по обидот на Хедрик.
Примениот гол ги разбуди Швеѓаните кои до самиот крај на натпреварот беа подобри, создадоа неколку шанси и изедначија во 71-та минута - Ибрахимовиќ се обиде да го пронајде Гуидета со додавање од левата страна, а Каиран Кларк со глава ја прати топката во својот гол.
До крајот на натпреварот немаше големи шанси, но се играше жестоко и пожртвувано, како и во текот на целиот натпревар на кој беа поделени три жолти картони.
Ирска нема победа во завршницата на Европското првенство уште од дебито 1988 година, од тогаш има запишано два реми резултати и четири порази. Нема да бидат задоволни со еден бод, исто како и Шведска, па им останува пласманот во вториот круг да го бараат против селекциите на Белгија и Италија. 
Бранителот на титулата на првак на Европа, Шпанија, славеше со минимален резултат во првото коло на Групата Д.
Играчот за врска на Шпанија, Андрес Иниеста, е задоволен пред сè со освојувањето на трите бодови против репрезентацијата на Чешка.
„Среќни сме што ги освоивме трите бода. Направивме чекор напред. Не постои едно решение за да се поразат ваквите екипи. Мора константно да врши притисок со напади додека не се постигне она што го сакаш. Потребно е само трпение“, изјави Иниеста.
Ветеранот на Барселона е прогласена за играч на натпреварот во Тулуз, не само поради асистенцијата за победничкиот гол.
„Секогаш се обидувам да ја преземам одговорноста кога играм. Јас уживам во фудбалот. Сè е во колективот, а во таа смисла ја преземам одговорноста и се обидувам да ги поврзам сите“, додаде Иниеста.
Шпанија во второто коло игра против репрезентацијата на Турција, во петок.

 

Најнови вести