Корисничко име Лозинка Пријави се
18.8.2016

Србија во трилер меч подобра од Хрватска

Кошаркарите на Србија и на Хрватска одиграа многу интересен и возбудлив натпревар, а во полуфиналето на кошаркарскиот турнир во Рио се пласираа Србите со победа од 86:83.

Големите ривали одиграа неизвесно, а на крајот на победата ѝ се радуваа српските кошаркари. На почетокот на средбата се играше изедначено, а Хрватска заигра подобро дури на крајот на вториот дел и на пауза замина со предност од 38:32. Третата четвртина со разлика од 20 коша ја добија избраниците на Александар Ѓорѓевиќ (34:14), што беше и клучна за крајот на натпреварот.
Хрватска се бореше до самиот крај, во последниот дел три пати дојде до заостанување од само еден поен, но не успеа да направи пресврт на мечот, па Србите славеја со 86:83.
Најефикасен играч во српската селекција беше Богдан Богдановиќ со 18 поени, а Јокиќ, Марковиќ и Радуљица постигнаа по 12. Кај Хрватите најефикасен беше Бојан Богдановиќ со 28 постигнати поени.
Во полуфиналето Србија ќе се сретне со селекцијата на Австралија, а Соединетите Американски Држави ќе играат против Шпанија која убедливо ја победи Франција со 92:67.

Најнови вести