09.11.2016 Инголштад најде привремен тренер
Германскиот фудбалски клуб Инголштад го именуваше Михаел Хенке за привремен тренер, додека не најде трајно решение по отпуштањето на Маркус Каучински.
„Хенке е оптимално привремено решение“, соопшти Инголштад и наведе дека и понатаму бара трајно решение.
Хенке беше во стручниот штаб на Инголштад пред да биде член на маркетингот на клубот, што му е последна работа пред да стане привремен тренер.
Тој повеќе години му беше асистент на Отмар Хицфелд во разни клубови, а како член на стручниот штаб два пати ја освојуваше Лигата на шампионите, со Борусија Дортмунд и со Баерн Минхен.
Инголштад во неделата го отпушти Каучински, бидејќи клубот по десет одиграни кола на германското првенство се наоѓа на претпоследното место и има само два освоени бода.