Корисничко име Лозинка Пријави се
22.12.2016

Мурињо: Можеме подобро од четвртото место

Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, изјави дека смета дека неговата екипа може да оствари подобар резултат од четвртото место на табелата на Премиер лигата.

Но, Португалецот не сака да поставува цели за оваа сезона, негова прва на „Олд Трафорд“.
По 17 одиграни кола во Премиер лигата, Манчестер јунајтед е шести на табелата, со десет бодови помалку од првопласираниот Челзи и со четири помалку од Арсенал на четвртото место, кое води во квалификациите за Лигата на шампионите.
Минатата сезона Јунајтед не се пласираше во Лигата на шампионите, а Мурињо изјави дека не сака цел да биде четвртото место, бидејќи верува дека неговата екипа може подобро од тоа.
„За да бидам среќен, потребно е да се спојат неколку фактори. Среќен сум кога екипата се развива, кога на добар начин и со добра игра ќе ја завршиме сезоната, односот со навивачите, со резултатите во различни натпреварувања. Мораме да видиме како ќе завршиме, не сакам да кажам четврто место, бидејќи мислам дека можеме подобро од тоа. Но, има ризик да не бидеме меѓу првите четири екипи, бидејќи натпреварувањето е тешко и врвните тимови имаат исти амбиции како и ние. Не сакам да кажам дека целиме на четвртото или на третото место, или на петтото“, изјави менаџерот на Јунајтед за „Скај“.
Мурињо со Јунајтед оваа сезона имаше променливи резултати, но тимот врза три победи. Тој додаде дека неговата екипа никогаш не отстапувала многу од своите принципи кога работите не оделе според планот.
„Мораме да работиме, да напредуваме и да напредуваме, но фудбалските идеи, принципите на играта, начинот на којшто сакаме да се браниме и да напаѓаме се јасни. Веруваме во тоа, фудбалерите со тоа се задоволни и не го променивме тоа кога не ни беа добри резултатите. Многу резултати беа лоши, дури и кога не губевме, одигравме нерешено со Барнли, со Арсенал и со Вест хем. Но, лошите резултати не ги променија нашите идеи и правецот“, додаде педесет и тригодишниот тренер.
Мурињо изјави дека оваа сезона не е многу важен пласманот на табелата.
„Не можам да кажам дека оваа сезона градиме тим, оваа сезона треба да играме добро, но не е важно дали ќе завршиме четврти или седми. Седмото место е една работа, а четвртото друга, но ние и понатаму имаме цели“, изјави поранешниот тренер на Челзи и на Реал Мадрид.
На прашањето за односот со навивачите, Мурињо изјави дека чувствува посебна врска и им се заблагодари за довербата и за поддршката.

Најнови вести